Програмите на Заедницата претставуваат интегриран пакет на активности усвоен од ЕУ со цел промовирање на соработката помеѓу земјите-членки во различни области поврзани со политиките на Унијата, во период од неколку години.
Речиси секоја политикa на ЕУ има комплементарна програма на Заедницата. Примарна причина за воспоставување на програмите беше приближување на политиките и активностите на Европската заедница на европски граѓани, како и креирање додадена вредност на ЕУ на национални напори на земји-членки во одредена област. Затоа, на почетокот учество во програмите беше ограничено на земји-членки. Во програмите можат да учествуваат сите правни субјекти и во одредени примери и приватни лица (поединци) од тие земји.
Рамките, буџетите и приоритетите на секоја од програмите се договорени на ниво на Заедницата. При што, програмите се финансираат од буџетот на Заедницата. Висината на буџетот и неговото времетраење (обично 4-7 години) ги одредува Европскиот совет. Генерално, нема национални квоти за програмите во смисла на дистрибуција, односно средствата се дистрибуираат по потреба, според зададени приоритети и цели.
Програмите на Заедницата ја опфаќаат скоро секоја област на социо-економскиот живот на европските граѓани: образование, култура, млади, медиуми, социјални прашања, развој на МСП, животна средина, транспорт, јавно здравство, правна соработка, борба против насилството, криминал, тероризам, информатичко општество, царина и даноци. Секоја програма има своја интернет-страница која располага со сите информации поврзани со нејзините цели, активности, буџети, повици и реализирани проекти.