Врз основа на Стратегијата за информирање и комуникација со јавноста во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија 2007-2010 како и заложбите за транспарентно работење и унапредување на процесот на комуникација со граѓаните
СЕКРЕТАРИЈАТОТ ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА ОБЈАВУВА
КОНКУРС
за избор на најдобар напис/прилог од областа на евро-интеграциите коj на најдобар начин објаснува определена актуелна тема во Европската унија и/или европската интеграција на Република Македонија
Потребни критериуми за конкурирање се:
- написот/прилогот да биде објавен од денот на објавувањето на конкурсот заклучно до 1 јули 2010 година (4 месеци) на кој било медиум – интернет, телевизија, радио, печатен медиум во Република Македонија;
- написот/прилогот да биде доставен во оригиналната и објавената верзија во Секретаријатот за европски прашања и/или на електронската пошта: nagrada@sep.gov.mk најдоцна до 1 август 2010 година;
- написот/прилогот да одговара на целта на конкурсот односно да објаснува определена актуелна тема во Европската унија;
- написот/прилогот да биде прецизен и аналитичен со што би се запазила објективноста на истиот;
Конкурсот е објавен и на интернет страницата на Секретаријатот за европски прашања (www.sep.gov.mk).
По завршувањето на рокот за конкурирање Секретаријатот за европски прашања ќе избере комисија која стручно и објективно ќе ги оценува написите/прилозите врз основа на пропишаните критериуми. Комисијата ќе расправа и ќе ги разгледува пристигнатите написи/прилози и во втората половина на 2010 година ќе донесе одлука за избор на најдобриот напис/прилог. Објавувањето на резултатите од конкурсот ќе биде во септември 2010 година.
Ќе бидат доделени три награди. Прво, второ и трето место. За второто и за третото место ќе биде обезбедена парична награда, а за првонаградениот труд ќе биде организирано неколкудневно патување во Брисел и интервјуа со претставници на институциите на Европската унија.
Секретаријатот за европски прашања е целосно посветен на приближување на Република Македонија кон Европската унија и токму затоа при креирањето на оваа идеја и нејзиното специфицирање се водевме од европските искуства како и искуствата на други држави. Воведувањето на оваа награда е дел од Стратегијата на Секретаријатот за европски прашања за комуникација со јавноста и презентирање на можностите кои се отвораат со нашето приближување кон Европската унија.
Со почит,
Секретаријат за европски прашања