Денес,Секретаријатот за европски прашања во соработка со НОРМАК проектот и Културно контактната точка (ККТ) за Програмата Култура 2007 – 2013 на Европската Заедница при Министерството за култура организира семинар на тема „Како да се подготви проект финансиран од фондовите на ЕУ кои подржуваат меѓукултурна соработка“.
На отворањето на семинарот заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Васко Наумовски истакна дека една од највидливите придобивки од процесот на интеграција во Европската Унија и од подоцнежното членство произлегува од учеството во Програмите и Агенциите на Заедницата.
Токму заради тоа Секретаријатот за европски прашања веќе подолго време соработува со министерствата и останатите засегнати институции околу пристапувањето на Република Македонија во програмите на Заедницата.
Како резултат на оваа интензивна активност, Република Македонија веќе успешно учествува во Седмата рамковна програма за истражување, Рамковната програма за конкурентност и иновација, програмата ПРОГРЕС, Европа за граѓаните а привршуваат активностите околу пристапувањето во програмите за човекови права и животна средина.
Семинарот се реализираше под водство на г-ѓа Астрид Бјерке, Културно контактна точка на Кралството Норвешка од Норвешкиот совет за уметности (Arts Council Norway), која ги презентираше искуствата што Кралството Норвешка ги има со оваа програма.
Учесници на семинарот беа т.н. културни оператори – субјeкти кои досега изразиле интерес или пак се заинтересирани за учество во програмата Култура.